Search
среда 27 мај 2020
  • :
  • :

Не сакав да пишувам како коментар на туѓ ѕид, оти секогаш почитувам туѓо мислење и туѓ простор и никогаш не го користам за разубедување, уште помалку за конфронтации

Македонија

Заболени
2,014
Мртви
116
Излечени
1,453
Активни
445
Last updated: 27/05/2020 - 13:17 (+02:00)

Не сакав да пишувам како коментар на туѓ ѕид, оти секогаш почитувам туѓо мислење и туѓ простор и никогаш не го користам за разубедување, уште помалку за конфронтации. Најмалку пак, во ситуација во која дел од другите коментари се толку симпатично внимателно срочени во фазонот “знаеш колку те почитувам, се сложувам со тебе и секоја ти чест, ама…” ☺️ што ми прави чуден филинг дека се нема, кумановци би рекле, стискавац 😊да кажеш дека напишаното можеби и не е, најблаго кажано, коректно, па заоѓаш ли заоѓаш (а читаш текст во кој се зборува за додворување и глорификација, инаку) Особено најмалку и кога муабетот е од колега за колега, а ептен најмалку пак во ситуација во која станува збор за професионални атаци со потенцирање “нека трепка тука, оти во друго време, ова ќе беше за осуда.” Затоа тука ќе си кажам вака: Прво, јавните лични етикети, кои одат во правец на професионални омаловажувања, а со цел да се протолкуваат како неспособност на лицето на кое се однесуваат, секогаш ми кажуваат повеќе за лепачот, отколку за етикетираниот. Особено ако муабетот се зачини со “Јас сум бил/а по обуки, знам како се прави тоа,” што треба да обезбеди уште поголемо срозување. Второ, потсмевот секогаш го сметам за еден од најнекоректните форми на манифестација на спротивно мислење и освен за предизвикување јавно смеење, друга цел не гледам. Трето, во услови во кои предолго битисувавме и се уште битисуваме СО, ПОКРАЈ, а богами да се потсетиме, И заради одредени фигури и структури кои толку долго ни го креираа животниот амбиент, да комплетно се расчовечивме и заборавивме како изгледа вистинска добрина, труд, посветеност и одмереност, пофалбата за неспорниот ангажман (освен ако се сака да се биде нечесен и да се тврди спротивното) наеднаш добива форма на лигавење, додворување, непотребно пекмезење и секако, финишира со “Ако ти е толку добар и тебе и на сите што го фалите, носете си го дома.” Стојам зад тоа дека ваков човек не сме имале на чело на било која институција, немаме ниту сега некој друг кој со вакво чудовиште, во вакви услови – минати и сегашни и со вакви луѓе како граѓани, би се справил подобро. Секој ден загина на пресови под рафал на секакви прашања. Секогаш смирен. Нема прашање на кое не одговара, а ако не знае за што се работи, не глуми дека знае и одговорно си каже дека ќе се информира и ќе одговори. Дури и на оние на кои, извинете, ама треба да им одговори по заслуга и да ги прати да видат да не се надвор. Го кажувам ова не за да го фалам Филипче, не за да го ковам во ѕвезди, не за да го качам на пиедестал, не за да ја бранам Мирослава како новинар, иако поводот ми е токму некоректноста кон неа. Го кажувам ова затоа што едноставно е така и затоа што не прифаќам простум да живеам во земја каде пизмата, клетвата и пцоста се нормални, општоприфатени формати на однесување кои веќе не ни предизвикуваат реакција, затоа што се онормалени и длабоко етаблирани, но пофалувањето на она што е добро, а толку многу ни е потребно за да малку барем се очовечиме и да се понадеваме дека во оваа земја има доза нормалност, се сведува на осудувачко однесување, дизајнирано како лигавост, пишување од интерес и неспособие, секако. Можам да бројам до утре, но сепак ќе завршам со тоа што ќе речам дека фер односот кон луѓето кои тоа го заслужуваат е добар почеток за заздравување. Што уште сакаме од човекот, по ѓаволите? Не бил транспарентен? Да ни ги чита секој ден по име луѓето што веќе не со нас? Како тоа е во ред? Да ни објаснува како секој поединечно заболел? Да реферира кластери секој ден, кога сите сме си рашетани во името на нашите човечки права, нели, и вон и во времето за забрана на движење, кога лажеме кај и со кого сме биле? Да ги брои, да ги брка и да ни чита секој ден кои и колку луѓе кај биле, со кого седеле по паркови, колку луѓе си дишеле во врат без маски по маркети, кои и колку се собирале по викендички, станови, зад затворени врати на се уште неотворените кафеани? Да разубедува секој ден небулоза дека нема корона и дека и покрај тоа што самиот Е во реалниот ужас, мирно да слуша дека не го бива и да не се откажува? Да ни објаснува секој ден што треба да правиме по петнаесет пати? Не е во ред. Конечно, кога на сиот ваков однос ќе додадеш и доза анимозитет кон колега новинар, кој замисли богати, се дрзнал да пофали објавувајќи мачна, но убава приказна, добиваш само уште една грда нијанса на мачниот портрет на ова тажно парче почва.

loading...