Колумни

Нашиве од власта лидери ли се?

Колумна на Никола Тасев:

Пандемијата е на страшно ниво во Македонија. Уште пострашно е како надлежните се справуваат со неа. Веднаш да кажам – тука не мислам на медицинскиот персонал – тие даваат и повеќе од максимум. Проблемот се властите, кои, како да се кријат зад работењето на медицинарите и ниту 30 отсто не запнуваат во делот од работата што нив ги чека.

Министрите и премиерите на сите земји се растрчани барајќи спас од пандемијата, но и во подготовка за живот потоа. Се бараат вакцини, се анализираат последиците, се отвараат нови пазари, се склопуваат пријателства… Примери за тоа гледаме секој ден на медиумите. Еве само некои од нив: Унгарија и Полска бараат пријатели и пазари во Азија, Германија и Франција го одоброволуваат Путин за вакцини, ЕУ комесарите се во Турција…

Едноставно, европските водачи си имаат работа и си ја работат! А нашиве?

Нашите лидери дремат по дома како „новодојдени снајки”, барајќи единствено решение како да се оправдаат дека сите други се виновни, само не тие, за се што и се случува на Македонија во последната година! Смислуваат пропаганда и толку.

Како поинаку да се протолкува фактот дека премиерот и министерот за здравство си возат мотори во ден кога има десетици починати пациенти. Нормално би било да се растрчани во барање чаре за тоа, а не да се развозуваат рекреативно по Македонија…

Затоа треба некој јасно и гласно да им подвикне: ајде марш надвор, извадете ги задниците од удобните фотељи, или од седиштата на моторите и растрчајте се по светот, но и дома, работете си ја работата. Имате многу проблеми за решавање.

Прво, решете го проблемот со вакцините. Зашто се уште ги нема во доволен број! Јасно ни е дека Ковакс механизмот се покажа како неефикасен и за тоа не можеме да ги обвиниме, но Ковакс е неефикасен и за останаттие, па тие најдоа начин како да обезбедат вакцини за своите граѓани. Премиерот Заев самиот се пожали дека ѕвонел насекаде, дури и во безбедносни служби, но му одговориле само од Србија. Дали тоа значи дека е изолиран или едноставно тој самиот се изолира во безбедната зона каде „анонимните“ хонорарци го фалат дека е најдобар и најумен?

Епа ако се увиде дека никој не сака да си игра со нас, а Србија ја играат и на Западот и на Истокот, можевме да го искористиме тој канал, па преку нив да нарачавме вакцини, а не да се задоволиме само со донација. Белград е на 3 часа возење или уште подобро можеа да се излетаат со хелихоптерот. Оној прилепскиот! И така рекоа дека им фалело часови летање. Но, не! Прилеп им беше поблиску, башка и локални избори доаѓаат, па треба да се лапне некое поенче.

Покрај српскиот канал, можеа да се обидат да го искористат и каналот преку увозниците за лекови! Па белким тие имаат некаков контакт со производителите, како што впрочем и во текот на пандемијата без проблем ја опслужуваа државата со останатите потребни лекарства. А можеа и малку да згрмат кај НАТО сојузниците, та нели едно од основните начела на воената алијанса е и солидарноста меѓу членките. Камо донација од некоја од нив. Србија и Русија од кои единствено добивме донации, не се во НАТО.

Второ, неопходно е да се направи анализа на процентот на смртноста која е загрижувачка и меѓу највисоките во Европа. Уште пред неколку месеци најавија, деновиве повторно ја актуелизира таквата анализа, но се уште ја нема. А просто не верувам и дека ќе ја има, ако се остави на нашите здравствени власти да ја прават. Едноставно се покажаа заинтересирани само за сопствен ПР, а не и за вистинска грижа за населението.

Трето размислувајте за иднината, затоа што Пандемијата еден ден ќе ја снема, светот ќе се врати во нормала, а дотогаш треба економијата да се држи во кондиција, за да не влече напред и да не извади од кризата. Државата мора да биде повеќе вклучена во поддршка на стопанството, да даде, за да може утре од истите тие компании да и се врати. Не сакам пак да прашувам: Што стана со новиот сет економски мерки? Ќе биде ли годинава?

Уште еднаш: веднаш излезете од своите канцеларии, седнете во кола, авион, хелихоптер и растрчајте се низ светот: разговарајте, барајте, убедувајте, па и молете ако треба, но обезбедете вакцини, отворете нови пазари, донесете инвестиции. Спасете животи, зачувајте работни места, размислувајте за денес, но и подгответе ја државата за утре.

Тоа го прават вистинските лидери во моментов. А нашиве всушност лидери се или само така ги нарекоа во нивните партии?

 



Македонија

Заболени
148,618
Мртви
4,556
Излечени
125,593
Активни
18,469
Last updated: 22/04/2021 - 03:56 (+02:00)

Поврзани вести

Back to top button

Детектиран Блокатор

Ве молиме да го исклучите вашиот блокатор за реклами на вашиот пребарувач за овој сајт, со истото би дале поддршка за повеке вести.