Колумни

Овој пат непристрасноста и интегритетот на Судот не смеат да завршат во „трезор“ под политички притисок

Не постои ниту еден доказ обезбеден од страна на Јавното обвинителство, дека Мијалков, Грујевски и Стајковиќ патувале во Англија на средби со „ГАМА“. Нема доказ дека Сашо Мијалков влијаел врз процесот на спроведување на јавната набавка. Не постои никаков доказ или вештачење дека фирмата „Финзи“ се стекнала со некаква противзаконска корист или имала екстра-профит од зделката склучена со МВР. Како тогаш ќе се донесе осудителна пресуда за случајот „Трезор“, како што бара Обвинителството?

Целиот случај „Трезор“, за набавката на опрема за потребите на УБК, според професорот на Правниот факултет, Гордан Калајџиев, е базиран на претпоставки, во чие докажување Јавниот обвинител не отишол подалеку од таму каде што бил на почетокот. Во настап на „Топ тема“, професорот Калајџиев најмногу го оспорува моментот во кој во процесот „Трезор“ се претпоставува одредена материјална штета, без да се понуди економско вештачење. При тоа, се оспорува идејата за набавка преку фирмата застапник, наместо набавка директно од производителот.

Калајџиев во одбрана на правдата

„Сите докази се на база на претпоставки. Јавното обвинителство нема отидено подалеку во однос на првичните претпоставки. Велат, имало дистрибутер. Па нормално е да има дистрибутер. Вие сега и лекови набавувате преку дистрибутери. Која е гаранцијата дека би била поевтина цената ако се одело директно со проиводителот, кога и така не е наведена цената?“, се чуди професорот Калајџиев.

 

Гордан Калајџиев: Постапката се базира на претпоставки

 

Според него, нема логика да се тврди дека е предизвикана некаква материјална штета, а да не може да се наведе кој имал противправна имотна корист и колкава била таа. Апсурдна е претпоставката дека Сашо Мијалков, или кој било друг функционер, би сакал да направи штета на инситуцијата која што ја води  без да има некаква корист. „Тоа би значело дека самиот си става крај на политичката кариера“, вели Калајџиев.

Во овој предмет, вели Калајџиев, „има многу претпоставки кои не се докажани, а се темелат на некакво влијание на Мијалков и на Грујевски“. Самото обвинителство тргнува од претпоставка дека тие не вршеле набавки. Претпоставката е дека влијаеле врз оние кои набавувале, а тие се повикуваат како сведоци. „Се креира слика дека обвинетите се лошите кои имале моќ да влијаат. Ниедно дејствие не покажува како е вршено влијанието. Дури и да имало влијание, тоа е друго кривично дело дело“, објаснува професорот.

Во ова време, кога цела една булумента апологети на хибридниот режим на Зоран Заев јавно искажува спремност да се погазат сите принципи и сите човекови права, само за да се спроведе некаква нивна „правда“, само заради одмазда, ретко се случува угледни експерти да се огласат во одбрана на системот, на правните принципи стари со векови и со милениуми, на словото и во духот на законите, на строго форматираните и регулирани постапки, а против арбитрерното „делење“ правда. Професорот Калајџиев е еден од нив.

До завршни зборови без докази за вината на обвинетите

Дури и површна анализа ќе ни покаже зошто случајот „Трезор“, како и многу други што потекнуваат од поранешното Специјално јавно обвинителство, се темели на претпоставки, а не на солидно спроведена доказна постапка. Обвинителите, како што вели Калајџиев, не одат многу подалеку од претпоставките, не пронаоѓаат и не презентираат тврди докази и јаваат на бранот на јавните повици за „неказнивост“, заборавајќи на принципите што налагаат сомнежите да се докажат и осудителните пресуди да се поткрепат со цврсти докази.

Завршните зборови кои Јавното обвинителство ги даде минатиот понеделник покажаа дека и случајот „Трезор“, чиј фокус беше набавката на опрема за Управата за безбедност и контраразузнавање, практично не се помрднал од мртва точка, односно останал таму каде што беше уште во септември 2016 година, кога тогашното СЈО изрази сомнеж за одредени неправилности при набавката.

Сомнежите на Обвинителството останале недокажани и судијата сега сигурно е на мака да потврди дека воопшто имало прекршувања на процедурата при набавката на опремата за УБК. Завршните зборови покажаа дека не постои никаков доказ во поткрепа на тврдењето дека обвинетите патувале за Велика Британија и дека одржале состанок со претставници на фирмата производител „ГАММА“. Се покажа дека не постои никаков доказ за влијанието на обвинетите врз Ѓоко Поповски, тогашниот помошник министер во МВР задолжен за јавните набавки, за да стори какво било кривично дело. Јавното обвинителство не утврдило материјална штета при набавка на опремата, односно не презентирало докази дека државата можела таквата опрема да ја набави по пониска цена.

Коментирајќи ги завршните зборови на Јавното обвинителство, одбраната беше категорична и дека не може да постои кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластувањата, доколку обвинителството нема доказ дека било која друга норма е прекршена. Злоупотребата, која им се става на товар на обвинетите, сама по себе, според одбраната, не значи ништо доколку таа не се доведе во контекст на прекршување на некој друг законски или подзаконски акт. Одбраната смета дека тоа не е сторено во случајов, што е спротивно на препораките на Европскиот суд за човекови права и затоа очекува судот да биде на висина на задачата и да донесе правична одлука.

Спектаклите на Фатиме Фетаи

Да се потсетиме. На 28 септември 2016 година, обвинителката Фатиме Фетаи спектакуларно го најави новиот предмет под името „Трезор“.

Ни јота подалеку од претпоставките на Фатиме Фетаи

 

„Паричните средства за кои ќе стане збор се средства на сите граѓани на Република Македонија, кои вие секојдневно ги одделувате по разни основи од вашите примања и ги доверувате на владејачките елити за да креираат посигурно и попросперитетно општество за вас и за вашите поколенија. Наместо тоа, од доказите во предметот кој ќе ви го презентирам произлезе основано сомнение дека таквите средства преку злоупотреба на службената положба на определени носители на функции, преку оштетување на буџетот, биле искористени за други цели, конкретно како имотна корист – лично богатење, што е казниво согласно Кривичниот законик. Во овој момент истрагата се отвара поради основано сомнение дека со дејствијата на три раководни лица од УБК при МВР на РМ и на едно раководно лице при МВР на РМ е прибавена имотна корист на, од скоро добро познато правно лице, регистрирано во РМ под името Финзи ДООЕЛ Скопје, во вкупен износ од 53.015.794,00 денари или 862.045 евра и за истиот износ е сторена директна штета на буџетот на Република Македонија“, рече тогаш обвинителката Фетаи.

Подоцна видовме на кој начин СЈО се грижело за народните пари, меѓу другото огромни буџетски средства, делејќи незаконски бонуси, рекетирајќи бизнисмени и урнисувајчи го угледот на оваа институција во која државата влоѓи огромни ресурси. Како и да е, една година по театралниот настап на Фетаи, се покрена обвинителен акт, во кој СЈО наведува дека тогашната набавка МВР требало да ја реализира директно преку фирмата производител, а не преку фирмата која што имала лиценца за Македонија.

Случајот „Трезор“ влезе во судница. Во периодот од цели три години, беа сослушани десетици сведоци и изведени беа многубројни докази. Едно од најважните сведочења е исказот на поранешниот помошник министер за општи и заеднички работи во МВР, Ѓоко Поповски, кој во случајот се јавува како сведок, а не како обвинет.

Што изјави крунскиот сведок?

Крунскиот сведок во ниту еден момент не вели дека имало било што незаконски во оваа постапка, или дека набавката била различна од која било друга. Во ниту еден момент не сведочи дека врз него било извршено влијание од страна на Сашо Мијалков, што е една од основните претпоставки на кои се базира обвинението. Поповски под заклетва тврди дека не го познавал ниту сопственикот, ниту фирмата Финзи и дека по набавката постапувале комисии, како и во секој друг предмет. Заради доверливот, постапката е реализирана по членот 7 од Законот за јавни набавки, кој предвидува исклучок од постаката за распишување на јавен тендер.

Сведокот Ѓоко Поповски: Нема ништо спорно!

 

Според Поповски нема ништо спорно и во тоа што е издаден Сертификат за краен корисник до производителот „ГАММА Интернационал“, пред да почне постапката. Со тој сертификат, тврди Поповски, МВР гарантирало дека производите на компанијата не би се користеле за намена поврзана со хемиско, биолошко или нуклеарно оружје, односно дека нема да бидат извезени или препродавани на друг начин. На сведочењето на 18.03.2019 година, Поповски изјавува: „Ова не е прв сертификат издаден на краен корисник. Значи и за други фирми и за други набавки се издавани, затоа што им се нив потребни пред нивните органи, односно пред нивната држава дека таа опрема, согласно тој договор што е потпишан оди кај крајниот корисник, а со тоа крајниот корисник се обврзува да ја користи опремата согласно договорот, односно нема да ја злоупотреби“.

Поповски на истото сведочење наведува дека издавањето на сертификатот не значи и прејудицирање за завршување на јавната набавка. „Дали се издава на почетокот на постапката или на крајот, зависи од која странска држава доаѓа, односно зависи од државата и какви закони владеат таму. Во поткрепа на ова, се работеше за некој ремонт на специјални возила на ЕБР кој требаше да се прави во Украина. Фирмата ‘Специјална опрема’ побара сертификат за да го презентира пред Украинската влада. Од таа набавка не излезе ништо, иако ние го издадовме сертификатот“, објасни тогаш Поповски.

Сведокот Владислав Стајковиќ, кој во посочениот период бил управител на фирмата „Финзи“, која имала лиценца за производите на „ГАММА“, во својата изјава дадена на записник пред судот на 20.12.2020 година, потврдува дека негова цел била да го одржи и прошири присуството на брендот „ГАММА“, кој постојано излегувал со нови иновтивни продукти во областа на безбедноста.

Според него, поисплатлива варијанта за „ГАММА“ било да се потпрат на тимот на Финзи и да организираат дистрибутивна и сервисна мрежа. Стајковиќ во својот исказ е категоричен дека „ГАММА“,не само што нема голем финансиски интерес во Македонија, туку и вложила свои средства во одржување и сервисирање на опремата. Важно за нив било само да имаат уште една земја во својата референтна листа. Под заклетва, Стајковиќ пред судот изјави дека „Финзи“ најпрофесионално ги испорачала сите услуги кои биле договорени и исплатени.

Измислено патување за да се потврди измислено обвинение

Уште од отварањето на истрагата, па се до подготвувањето и правосилноста на обвинителниот акт, случајот „Трезор“ се базира на наводен службен пат на обвинетите Сашо Мијалков, Горан Грујевски и Небојша Стајковиќ во Велика Британија, каде договарале набавка на опремата за УБК.

Тоа патување, сега како „потврден“ факт, го изнесува Обвинителството во завршните зборови дадени во понеделникот. Според обвинителството, тројцата обвинети, во периодот од 07.07.2010 до 09.07.2010 година, оствариле состанок со претставници на „ГАММА“, лоцирани на адреса во Хемпшир, при што тема на разговор била набавка на опрема за потребите на МВР-УБК, каде и наводно било договорена набавка на електронска и комуникациска опрема и обука за користење на опрема од производителот.

Сто пати повторена невистина не може да стане лага, а одговорите добиени од британските власти преку меѓународна правна помош најбрутално ја демантираат претпоставката на Јавното обвинителство. На 30.03.2017 година, обвинителката Ленче Ристовска се обраќа до британските власти, а на 23.04.2018 година добива одговор од британскиот Хоум офис (МВР , односно од Меѓународната единица за борба против криминал. Британските власти одговараат на 14 прашања на обвинителството, кои содржат и потпрашања и документи кои се доставени до Обвинителството.

Британскиот Хоум Офис го „растури“ обвинението

 

На деветтото прашање „Дали наведените лица Владислав Стајковиќ или Коста Крпач биле во Англија и учествувале во некои преговори за соработка ? Доколку биле, потребно е да ни се достават информација дали биле таму сами или со нив имало и други лица (кои)?“, британските власти даваат конкретен одговор: „Нема запис дека Владислав Стајковиќ и Коста Крпач биле во Обединетото Кралство во врска со договорот 11055, ниту пак персоналот се сеќава на некоја посета. Нема ни докази дека други лица биле во посета во Обединетото Кралство во врска со договорот 11055“, се вели во одговорот.

Во првото прашање Обвинителството се интересира „Дали претставници на МВР, поточно Мијалков, Грујевски и Стајковиќ оствариле контакт со ГАММА преку телефон, и-меил, Скајп, Вибер и слично ?“. Одговорот повторно е јасен: „Нема физички, ниту електронски докази кои покажуваат со кого било комуницирано или што било кажано“.

За да си ги расчисти дилемите околу тоа зошто МВР не ја купило опремата директно од производителот, туку од фирмата „Финзи“, Обвинителството прашува: „Дали од ГАММА е дадено овластување за Македонија, со кое се овластува правно лице да продава, сервисира, поддржува и одржува производи на ГАММА ЛТД?“. Одговорот повторно е прецизен: „ГАММА му даде сертификат за овластување на Финзи, бидејќи Финзи беше назначен за дистрибутер согласно договор“. Во одговорот на деветтото прашање, уште поконкретно се наведува: „Производителот има издадено сертификат со кој се идентификува Финзи како претпочитан партнер, официјален препродавач и давател на услуги за поддршка на ГАММА Интернационал ЛТД“. За ова, како што се наведува во одговорот на британските власти, биле најдени два сертификата и во канцеларијата во Бејрут на „ГАММА“ Груп Интернационал ЛТД.

Обвинителството од ракав проценило дека има економска штета

Без никакво посебно објаснување, Јавниот обвинител во завршните зборови врши корекција на штетата која ја навеле на почетокот на процесот и ја менува од 440.000 на 432.000 евра. Ниту при првичното утврдување на материјалната штета не е понудено економско вештачење, ниту при допрецизирањето во завршните зборови не е објаснето врз основа на што настапила измената.

Ваков преседан во македонското судство, да се истакнува материјална штета без да се поткрепи со економско вештачење, не се памети. Јасно е само тоа дека двајцата надлежни обвинители имаат завршршено правен, а не економски факултет и дека немаат експертиза во однос на економското вештачење.

Иако Обвинителството е тоа што треба да докаже нечија вина, во конкретниот случај, одбраната се потрудила да ангажира економски и финансиски експерти да дадат мислење дали МВР било во загуба и дали фирмата „Финзи“ навистина незаконски профитирала од буџетот на РМ. Во вештачењето од 28.03.2018 година, Друштвото за вештачење „Форензик експертс“ наведува дека од застапувањето на „ГАММА“ и продажбата и сервисирањето на опремата за МВР, целокупната бруто добивка изнесува 6.417.615 денари за периодот од 2010 до 2014 година.

Тоа практично значи дека „Финзи“ остварила добивка од неполни 100.000 евра за 4 години или по 25.000 евра годишно, односно добивка од околу 2.000 евра секој месец. Сето тоа, според пресметките на економските експерти, е 3,86 отсто од приходите на „Финзи“ остварени во тој период.

Обвинителството нема никакви забелешки на овој вешт наод, но целосно го игнорира и не дава образложение дали очекува во пазарно општество некоја фирма да учествува во постапка на сопствена штета, односно свесно да влезе во загуба и на кој начин потоа би ги покривала средствата кои ги загубила од одредена зделка.

Еве шанса судот да демонстрира непристрасност и интегритет

Тоа се аргументите на одбраната. Ги слушнавме уште еднаш и аргументите на обвинението, во завршните зборови. Според тоа, фактичката ситуација во овој предмет е прилично јасна.

Не е оспорена потребата на УБК да се набави современа опрема. Никој не го спори квалитетот на опремата. Не е спорно дека се обезбедени пари од буџетот за таа намена. Воопшто не е спорен кредибилитетот на производителот. Не е спорна ни намената на опремата, а ни нејзината функционалност и употребата. Обвинителството не ја спори и постапката според членот 7 од Законот за јавни набавки. Не е утврдена противправна имотна корист кај било кој од обвинетите. Непобитно е докажано дека се што е исплатено било испорачано и реализирано.

Обвинението тврди дека Сашо Мијалков, тогашен директор на УБК, Горан Грујевски – началник на Оддел за оперативна техника и Небојша Стајковиќ – помошник на Министерот за Оддел за информатика и телекомуникации, биле во Велика Британија и таму договориле откуп на опремата која потоа е предмет на јавната набавка. Тие се обвинети дека влијаеле врз Ѓоко Поповски да ја реализира јавната набавка за купување на опремата од „ГАММА“. Конечно, обвинението тврди дека обвинетите помогнале фирмата „Финзи“ да се стекне со имотна корист која е штета по буџетот на РМ.

Ништо од сево ова не е потврдено со цврсти докази.

Нема доказ дека Сашо Мијалков влијаел на набавката

 

Не постои ниту еден доказ обезбеден од страна на Јавното обвинителство, дека Мијалков, Грујевски и Стајковиќ патувале во Англија на средби со „ГАМА“. Нема доказ дека Мијалков влијаел врз процесот на спроведување на јавната набавка. Не постои никаков доказ или вештачење дека фирмата „Финзи“ се стекнала со некаква противзаконска корист или имала екстра-профит од зделката склучена со МВР.

Авторот на оваа анализа не би сакал изнесувањето на фактите за овој случај да се сметаат за притисок врз Судот пред донесувањето на одлуката, без оглед на тоа што тие јасно ја опишуваат фактичката ситуација.

Професорот Калајџиев вели дека не би сакал да биде на местото на обвинетите, бидејќи во моментов судот е под притисок, особено во предметите за кои постои поголем интерес во јавноста. „Јавноста е навивачки ориентирана, а за разлика од САД, кај нас не постои заштитен механизам кој би гарантирал фер и правична пресуда“, вели тој.

Во Македонија, во праксата, владее концептот на „револуционерна“, арбитрерна правда. Но, сериозните луѓе, а посебно судиите со интегритет, треба да веруваат во базичниот дизајн на системот, а не да се прилагодуваат на неговите многубројни компромитации. Сите мора да веруваме во системот –во правните принципи стари со векови и со милениуми, во словото и во духот на законите и да се заложие слободата на човекот сепак да биде неприкосновена, а правдата да се опслужува во строго форматирани и регулирани постапки, а не да се „дели“ под притисок.

Случајот „Трезор“ ќе биде прилика тоа и на дело да се покаже.

ПЛУС ИНФО



Македонија

Заболени
148,618
Мртви
4,556
Излечени
125,593
Активни
18,469
Last updated: 22/04/2021 - 05:41 (+02:00)

Поврзани вести

Back to top button

Детектиран Блокатор

Ве молиме да го исклучите вашиот блокатор за реклами на вашиот пребарувач за овој сајт, со истото би дале поддршка за повеке вести.